КОМПАНИЈА ЛАБРАДОР

Млечната индустрија „ЛАБРАДОР“ е основана 1993 година во Охрид. Фабриката за преработка на млеко располага со 1000 м2 сопствен плац, разладни комори од 250 м3, 16 вработени со соодветна квалификација за работните места и 10 возила за дистрибуција во малопродажба на регионот Охрид, Струга, Ресен и Кичево. Нашата компанија има имплементиран HACCP-систем за управување со безбедност на храната и соодветни сертификати.

Фабриката има сопствена лабораторија за хемиска анализа на млекото, а редовно се прават анализи во надворешни акредитирани лаборатории на Ветеринарниот факултет - Скопје и во „Анима вет“ - Битола.

Дистрибуцијата се врши во целата трговска мрежа во Охрид, Струга и Ресен. Додека во маркетите на Тинекс, Веро и Рептил во Скопје може да се најдат изварокот (Охридски за пита) и производите од козјо млеко.

ФАРМА

Во 2014 година инвестиравме во сопствена фарма за кози со цел органско производство на козјо млеко на сопствено земјиште од 4300 м2 во селото Сирула, кое е 15 км оддалечено од градот, се наоѓа на 950 метри н.в, во еколошки чиста средина и има пасишта од 500 хектари. На почеток беа набавени 330 сортни кози алпинки од македонски села, а денес фармата располага со 400 кози и околу 200 јариња.


Молзењето на козите се одвива со автоматски пумпи, а измолзеното млеко веднаш се носи во погоните на фабриката каде што се преработува.

На фармата живеат двајца сточари кои деноноќно се грижат за козите.Една коза алпинка раѓа од 1 до 3 јариња, а во периодот на лактација, кој трае околу 280 дена, дава до 500 литри млеко.